Да подариме радост на децата од Дневниот центар за деца од улица во Шуто Оризари
|Здруженето “Хуманост без граници” ве повикува на Новогодишна урбана хуманитарна собирна акција на облека за деца од 3 до 18 години, училишен прибор и помагала, боенки, фломастери, боици, играчки, книги, сликовници, учебници, лектири, тетратки, хигиенски средства, чевли, чизмички и се на што децата би се израдувале.
Во Дневниот центар денот го поминуваат околу 100 деца.
Нашите волонтери ќе Ве очекуваат во трговскиот центар Skopje City Mall, во недела, на 20-ти декември, во периодот од 11-13 часот кога ќе можете да ги оставите Вашите донации.
На 20-ти декември, воедно Меѓународниот ден на Солидарноста, да подариме среќа, радост и насмевки на децата од Дневниот Центар за деца од улица во Шуто Оризари. Сите заедно-можеме да ги израдуваме неизмерно и со нашето Малку да направиме Многу за нивниот подобар живот. Да им ја доловиме и на овие дечиња Новогодшната магија. Да им помогнеме и тие да се израдуваат на подароците, кои можеби не можат да си ги дозволат, од повеќе причини.
Ајде заедно- да правиме Добрини!
Да бидеме ние, сите заедно, промената кон подобар свет.
Потврдете го Вашето присуство и поканете ги и Вашите пријатели на собирната акција на facebook настанот.
Резултати од акцијата:
На 20-ти Декември во трговскиот центар Skopje City Mall во периодот од 11-13 часот, Здружението Хуманост без граници одржа Хуманитарна собирна акција за децата од Дневниот Центар за деца од улица во Шуто Оризари.
Нашата желба да подариме радост преку донација на облека за деца од 3-18 години, училишен прибор и помагала, боенки, книги, сликовници, тетратки, хигенски средства, чевли се исполни.
Успеавме заедно со многу хумани граѓани да ја доловиме Новогодишната магија кај овие дечиња кои потекнуваат од социјални семејства. Во Дневниот Центар за деца во Шуто Оризари денот го поминуваат околу 100 деца.
Нашата идеја се реализира и имавме добри резултати. Во реализирање на оваа прекрасна идеја ни помогнаа волонтерите од меѓународното училиште НОВА, а Skopje City Mall ширум ги отвори вратите за одржување на истата.
За сите хумани граѓани во знак на балгодараност им подготвивме мали подароци. Подароците ни беа во форма на прекрасни мали новогодишни колачиња и шарени бастумчиња. Успеавме да доловиме и многу насмевки од оние кои донираа. Секако најубавите насмевки ги добивме од децата од Дневниот центар на кои успеавме да им донесеме радост и среќа.
Им благодариме на сите хумани граѓани, на сите оние кои не посетија, на сите кои со својата енергија ни овозможија да ја реализираме оваа акција и да донесеме радост на децата од Дневниот Центар во Шуто Оризари.