Картички со убави желби по повод Детската недела

Нема поголема мисија од таа да им донесеш радост на децата, на било кој начин, во било кое време…

Инспирирани од меѓународната Детска недела која традиционално се одржува секоја година во првата недела од октомври, а која е посветена на децата ширум светот, Здружението “Хуманост без Граници” како дел од Кампањата “Мали Дела на Добрина” во соработка со Меѓународните Училишта НОВА, како и медицинскиот персонал вработен во неколку здравствени установи на многу дечиња им подели рачно изработени картички со убави желби, позитивни инспириративни мисли и охрабрувачки пораки на македонски, англиски и албански јазик.

Во периодот од 5-ти до 9-ти октомври Здружението “Хуманост без Граници” донесе насмевки и убави желби на дечињата кои Детската недела за жал ја поминаа во некоја здравствена установа. Поделивме околу 500 картички за побрзо оздравување или картички со убави желби и охрабрувачки пораки во:

  • Детскиот оддел и амбуланта при Детската клиника во Скопје
  • Инфективната клиника во Скопје
  • Заводот за рехабилитација на слух, говор и глас во Скопје
  • Детска амбуланта во Чаир, Скопје
  • ЈЗО – Природно Лекувалиште Бања Банско во  Струмица

Картички со охрабрувачки пораки поделивме и во училиштето за деца со посебни потреби ПОУ “Климент Охридски” во Ново село, Струмица, дополнително поттикнати од тоа што месец октомври е месец  за подигнување на јавната свест за поддршка на лицата со Даунов синдром. Со овој наш мал знак на внимание се надеваме дека барем малку ќе ја подигнеме свеста за потребата од нашата поддршка на овие дечиња во општеството.

Благодарност до сите кои беа дел од реализацијата на оваа идеја. Насмевките на лицата на децата се доволен мотив да продолжиме со мисијата да правиме Мали Дела на Добрина.

Add a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *