Хуманитарна собирна акција за децата од Дневниот Центар за деца од улица во Шуто Оризари, Скопје
|На 27 декември се одржа предновогодишна урбана хуманитарна собирна акција за децата во днениот центар за деца од улица во Шуто Оризари. Најавуваната акција се одржа пред Спомен куќата на Мајка Тереза во центарт на Скопје, од 11 до 13 часот.
Под мотото “Да подариме СРЕЌА на децата од Дневниот Центар за Деца од Улица во Шуто Оризари” идејата да донесеме новогодишна магија и на овие дечиња,кои потекнуваат од социјални семејства, кои влегуваа во најранливата и можеби најмаргинализирана општествена група, и нивниот живот да го олесниме барем малку, се реазлизира со одлични резултати.
Повикавме на хуманост, со донирање на облека за деца од 3 до 18 години,училишен прибор и помагала, боенки, фломастери, боици, играчки, книги, сликовници, учебници, лектири, тетратки, хигиенски средства, чевли и чизмички и се на што децата би се израдувале.
Добивме многу повеќе од тоа. Однесовме многу повеќе од тоа. Хуманите граѓани кои во голем број ја посетија акцијата подарија Љубов, подарија грижа, подарија емпатија, подарија Новогодишна Магија за децата од Дневниот центар за деца од улица во Шуто Оризари.
Не посетија многу хумани граѓани кои се одзваа на нашиот повик за хуманост. Многу мајки со своите деца донираа облека и книги за своите врсници во дневниот центар за деца од улица и им пренесоа убави желби и честитки за новата 2015 година. Прекрасен начин во младите срца да се разбуди хуманоста и да се научат децата на емпатија. Не посетија и членовите на Здружението “Епилепси” кои донираа облека. Екипата на “Група Аниматори” дојде со вреќа полна специјално спакувани подароци. Голем број на млади луѓе не посетија, и со ведри лица ги донираа своите подароци за дечињата , и повикаа на уште повеќе вакви акции. Не посети и новинарката Ана Јовковска, која подари книги и облека за дечињата од дневниот центар. Неколку брачни парови семејно со своите деца дојдоа и од оваој настан направија семеен настан кој ќе им остане во сеќавањата. Неколку девојки се понудија да помогнат во реализација на акцијата, со помош во пакување на донираните производи. Неколку граѓани по информацијата за настанот се вратија со полни кеси храна за децата во Дневниот Центар . Во акцијата на своја иницијатива се приклучија и Детската Градинка “Снежана ” и Основото Училиште “Васил Главинов” во Чаир, Скопје, кои претходно имаа собирна акција за дечињата од Дневниот центар за деца од улица “Шуто Оризари” и целиот собран материјал го прикличија на Главната Собирна Акција пред Спомен Куќата на Мајка Тереза. Цело комбе пред Споменикот на Мајка Тереза истоварија и жените од Унија на жени на ВМРО од Чаир. Во акцијата како волонтери и донатори на подароци за децата учестуваа и учеици од Меѓународното училиште Нова во Скопје.
Им благодариме на сите хумани граѓани, им благодариме на сите кои не посетија, на сте кои со својата енергија ни овозможија да ја реализираме оваа акција и да донесеме радост на децата од Дневниот Центар во Шуто Оризари.
Полни автомобили подароци од собирната акција веднаш по настанот однесовме во Дневниот Центар за деца од улица во Шуто Оризари. Преку 3 вреќи играчки, преку две вреќи храна, три полни кеси книги и училишен прибор.Полни пакети облека, обувки, капчиња, шалчиња, ракавички, чизмички, ранчиња, јакни…
Децата од дневниот центар во Шуто Оризари не пречекаа пресреќни, не пречекаа со очи полни радост и срца полни благодарност.
Целата љубов која ни ја дарија на предавањето на донацијата, им ја даруваме на сите граѓани кои земаа учество во собирната акција. Со надеж дека ќе не грее цел живот. Зошто, со своето Малку, направивме многу.
Здружението “Хуманост без граници” уште еднаш се заблагодарува на сите кои беа учесници во ова хуманитарна акција.
Успеавме, сите заедно, да израдуваме преку 100 деца. А кога дете се радува, целиот универузм трепери.