Осмомартовска доза внимание во Скопје
|“Среќен 8-ми март” е пораката која денес многупати ја кажавме и слушнавме. Традиционално, на меѓународниот ден на жената секоја жена добива внимание од своите блиски роднини и пријатели. Но дали посакавте Среќен 8-ми март на некоја жена која не ви е толку блиска? На сосетката која ја сретнавте денес, на сопатниците во автобусот кои седеа до вас, на касиерката во маркетот?
Поттикнати од оваа идеја, Здружението “Хуманост без граници” заедно со волонтерите од Меѓународното училиште НОВА решија да направат низа мали дела на добрина и да поделат Осмомартовска доза на внимание на многу случајни минувачи во центарот на Скопје.
Преку делење на инспиративни пораки и колачиња со желби за среќен 8-ми март израдувавме многу дами. Многу насмевки, изненадувања и благодарност го исполнија нашиот ден.
Уште еднаш бевме сведоци дека малите дела се носители на големи промени. Изненадете и вие некој, влезете и вие во кругот и бидете промената која сакате да ја видите во светот.